Доделени стипендии на најдобрите основци во Карпош

Доделени стипендии на најдобрите основци во Карпош

Вкупно 25 ученици од основните училишта во Карпош, од осмо и деветто одделение ќе добиваат стипендии, затоа што ги исполнуваат условите од Јавниот повик кој го распиша општината. Денеска, на спортско – рекреативниот центар во ООУ „Лазо Трповски“ се доделија решенијата на учениците, кои ќе добиваат по 2.500 и 3.000 денари. Стипендиите ги добиваат талентирани ученици, со постигнати успеси во знаење и стекнати сертификати од релевантни натпревари, како и ученици – успешни спортисти. Истите, имаат за цел да ги мотивираат најмладите да бидат уште поуспешни во основното образование.

Градоначалникот Стефан Богоев ги поздрави учениците и им честиташе за постигнатиот успех.

  • Паричните средства можеби не се премногу големи, но навистина е реткост млади луѓе, на ваши години, на еден начин да „заработуваат“ свои пари надвор од она што родителите ви го даваат. Цела година учите во навистина специфични услови и затоа овие стипендии за кои се изборивте имаат уште поголема вредност за вас и вашите родители, рече Богоев.

Тој со учениците разговараше и за начинот на кој се спроведува онлајн наставата и крајот на првото полугодие од учебната година. Учениците посочија дека не било лесно да се прилагодат, имале потешкотии, но успешно се справиле со најголем дел од проблемите.

  • На крај, сакам само да ве повикам за време на празниците, за време на зимскиот распуст да бидете одговорни и да не се групирате. Знам дека ви е тешко и здосадено. На сите нас ни треба и повеќе дружба и луѓе, но да се стрпиме уште малку, а и да мислиме на нашите родители, баби и дедовци кои ако се заразат од наш, можат да поминат со потешки последици, заврши градоначалникот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *