Што гледа Дознај.мк оваа недела?

Што гледа Дознај.мк оваа недела?

Дамјан „Дамка“ Темелкоски

Оваа недела за мене ја обележа серијата „Dark“. Станува збор за феноменален Нетфликс серијал во германска продукција, кој ги разработува жанровите на мистерија, драма, хорор, а изобилува со многу тензија, драматични моменти и за мене досега невидена кинематографија.Што и да кажам повеќе од синопсисот на IMDB ќе биде многу.

Првата германска продукција од водечката светска Интернет ТВ-мрежа е сместена во германски град во денешно време, каде исчезнувањето на две мали деца ги разоткрива двојните животи и раскинатите односи меѓу четири семејства. Во десет часа долги епизоди, уште во првата сезона приказната добива изненадувачки пресврт што се враќа во истиот град во 1986 година.

Можеби доволно е да кажам дека со текот на гледањето, кога стигнав веќе до средината на втората сезона сфатив дека ова е серија која не е за секого, бидејќи приказната почнува неконтролирано да аугментира, поради што на моменти знае да биде премногу збунувачка и да бара од вас сами да размислите што навистина се случува во моментот… одговорот е тука, само можеби треба да стиснете пауза (луксуз кој го нуди Нетфликс) и да размислите.


За мене оваа серија изгледа како една фузија од уште еден Нетфликс хит „Stranger Things“, само далеку помрачен (во секоја смисла-буквално ниту една епизода нема без сив филтер и дожд) и една од моите омилени серии било кога направени „Lost“. Во приказната главната оска околу која се се врти е времето, а што се ќе се случува понатаму едноставно нема ДА-ВИ-СЕ-ВЕ-РУ-ВА. Очекувајте првите десет епизоди буквално да ве имобилизираат еден цел викенд, во кој Нетфликс ќе ви биде најдобриот пријател, а сложеноста на заплетот од вас ќе бара целосен тенацитет.

Филип „Dr.Lorre“ Ѓоршовски

Среда денеска, ден ни ваму ни таму, за тие кои не работат за викенд, а на новинарите исто ни се фаќа. Така и препораката за денешниот филм ми дојде од другарот и колегата новинар и писател и одличен познавач на филмската индустрија и филмски критичар Златко Ѓелески (мора да ги слушнете неговите филмски критики, а фановите на хоророт можат да уживаат и во неговите книги). Злате ми го препорача филмот Paradise Lost: The Child Murders at Robin Hood Hills, документарен филм за едни немили настани кои се случиле во САД, во кој се содржани од прво лице емоциите и изјавите на сите вклучени. Само кратко ќе кажам, за да не го расипам филмот, обвинети за убиства се тинејџери само затоа што се металци. Го препорачувам за гледање во секој случај, во наредниве денови ќе ги изгледам и другите два дела од филмот.

Е сега за олабавување од стресот од претходниов филм, најверојатно вечерва ќе гледам некоја од епизодите на серијата History of Swear Words, малку да се посмеам, ама и да научам нешто. Насловот сам доволно објаснува за содржината на оваа серија и бесцелно е да објаснам за што станува збор. И дефинитивно 1-2 епизоди од South Park по којзнае кој пат пред спиење. Ви препорачувам да ја погледнете History of Swear Words, некои работи дури и ќе ве зачудат. Останете ми со здравје!

Марко Гулевски

Во последно време се разбуди мојата желба за гледање анимирани серии, како за оние од минатото, така и за модерните. Како човек што сака да гледа се во еден ден можам да препорачам неколку анимирани серии.

Прва е една од најносталгичните детски серии на кои ненадејно ми текна, Megas XLR. Megas XLR е анимирана серија во која робот од иднината кој може да ја спаси планетата ненадејно завршува во модерен Њу Џерси во рацете на типичен „реднек американец“ по името Куп. За постарите сигурен сум дека ова ќе биде уште еден времеплов. За оние кои не го гледале, ова е едно од најкомичните и најинтересните анимирани серии кои го отсликуваат оној шарм на стрипови.

Потоа би навел една модерна анимирана серија, Infinity Train. Оваа анимирана серија може да ја ужива публика од било која возраст. Секоја сезона претставува нов главен лик кој се качува на „Бесконечниот воз“ со цел да се подобри како личност низ низа предизвици. Низ три сезони, оваа серија покрива возрасни теми, како растењето и тешкотиите што доаѓаат со тоа, развод на родителите и како млада личност може да се справи со тоа, како да го најдете сопственото јас, како и цената на тоа што одбивате да се промените и созреете како личност. Иако Cartoon Network одамна го изгубија својот шарм и бегаат од возрасни теми, Infinity Train е пријатен исклучок.

Потоа ќе преминеме на нешто од поедукативна структура. Станува збор за „Inside World’s Toughest Prisons“, која нѐ носи во најопасните затвори во светот. Тука можете да видите различни затвори кои се стремат или кон реформа или казнување на затворениците.

За крај, доколку сакате филм, ако ја прочитавте сторијата за тоа што слушаме тогаш знаевте дека доаѓа „Scott Pilgrim vs The World“. Сакам повеќе филмови да пратат ваква формула која нуди луда забава без никакви реперкусии. Ако е потребна формула за како да изгледа филм за видеоигра, ова е тоа, иако овој филм донесе до креација на видеоигра базирана на него.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *