Што гледа Дознај.мк оваа недела?

Што гледа Дознај.мк оваа недела?

Нова недела и време да дознаете што Марко, Филип и Дамјан планираат да гледаат во текот на неделата.

Марко Гулевски

Оваа недела се чувствувам како да сакам да завршам некои од веќе започнатите серии. Приоритет ќе има за мене тоа што е останато од Altered Carbon, тоа ја вклучува втората сезона, како и анимираната серија од истиомената франшиза. Додека првата сезона навистина ми се допадна, и покрај критиките дека не е лојална на книгата потполно, сепак ги задоволи основите на сајберпанкот. Втората сезона морам да признаам дека ми недостига верзијата на Такеши Ковач која ја претставува Џоел Кинаман. Ентони Меки во никој случај не е лош глумец, но едноставно не го добивам истото чувство гледајќи ја неговата верзија. На крајот од денот, серијата беше откажана од Нетфликс, така да може да се каже дека оваа серија е официјално готова. Исто така, Едгар Алан По во таа серија е најдобриот карактер и не примам аргументи против тоа.

Потоа има еден филм, кој верувам нема да ми се допаѓа поради својата слава и целото славје кое го доживеа на глобално ниво. Го велам ова бидејќи обично нештата што се толку критички гледани како ремек-дела за мене се преувеличени. Тоа сепак е психички фактор бидејќи кога слушате толку добри работи за нешто, си поставувате нереални очекувања. Така да, ќе видам дали викендот ќе го додадам The Irishman на листата заедно со филмови како Fight Club и Uncut Gems.

И за крај, како секоја недела, така имаме и анимирана серија или две. Од креаторот на Regular Show имаме нова анимирана серија која е за повозрасна публика. Close Enough има една сезона, можеби го нема шармот на Regular Show, но го има потенцијалот за тоа.

За втората анимирана серија е моментално најатрактивната аниме серија, Attack On Titan. Мислејќи дека нема да ми се допадне поради репутацијата, бев пријатно изненаден од ова аниме, за кое од недела во недела чекам нова епизода.

Дамјан Темелкоски

Со оглед на тоа што оваа недела ќе ескивирам од серии и слични начини за релаксација, ќе ви го препорачам филмот кој последен го гледав, а го начекав на МРТВ. Станува збор за хитот од 1999 година „Одмазда“ или „Payback“ со Мел Гибсон во главната улога. Се работи за класична бомбастична акција во која Мел Гибсон се одмаздува на дузина мафијаши поради кои ги загубил своите 70.000 долари од последната кражба во која учествувал.

Обично не сум фан на вакви филмови за пасење на мозокот, али понекогаш токму такви ви требаат, а го начекав на телевизија баш во таков момент. Инаку, рејтингот на ИМДБ му е 7.1, така што и поголемиот дел од филмските љубители го споделиле мислењето дека станува збор за одлични два часа акција!

Филип „Dr.Lorre“ Ѓоршовски

И пак ни стигна најглупавиот ден од неделата и мора да се изнајде начин како да го завршиме добро денот, да се релаксираме и да оставиме мислите да ни пропатуваат.

Филмот што ќе го гледам по не знам кој пат и за мене е најдоброто дело на Тарантино (а дефинитивно во топ 3 на сите времиња за мене), е и мојата препорака за вас оваа вечер. The Hateful Eight. Мајсторијата да снимаш филм во една просторија најдобро е прикажана во овој филм. Актерите совршени како и секогаш и ви го доловуваат тој момент на блискост со еден од нив. Епска вестерн приказна!

Како и секогаш, за добар сон ви препорачувам една епизода South Park, пример The China Probrem. Останете ми со здравје!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *