Дербито разочара, бледи 0-0 на „Стемфорд Бриџ“ во Лондон

Дербито разочара, бледи 0-0 на „Стемфорд Бриџ“ во Лондон

Откако видовме голеада на претходните две средби на денешниот распоред во Премиер лигата, каде Арсенал славеше на гости кај Лестер со 1-3, а Тотенхем во Лондон го „прегази“ Барнли со 4-0, дербито меѓу Челзи и Манчестер Јунајтед понуди помалку возбудувања, многу тактички надмудрувања, а епилогот беа бледи 0-0.

Во двете полувремиња се играше изедначен фудбал, каде на двете страни имаше по некоја полушанса, која играчите не успеваа да ја валоризираат во погодок. Генерално, поседот на топка беше изедначен на двете страни, иако на крајот доминантен за 10% во поседот беше Челзи. Кога станува збор за шансите, на двете страни имаше малку удари во рамките на голот, поточно шест за Челзи и четири за Јунајтед, но и тие неколку шутеви не беа со некој изразен интензитет и опасност.

Пресудниот момент се случи во 15. минута кога Хадсон Одои, во дуелот со Мејсон Гринвуд, иако можеби ненамерно, евидентно играше со рака, но таквата игра не беше казнета со пенал, откако судиите во ВАР собата направија проверка на ситуацијата. На социјалните мрежи веќе повеќе од еден час се полемизира на таа тема, а дали беше пенал или не, направете сами проценка во видеото подолу.

Во моментите од вториот дел кога Челзи доминираше во поседот со 67 напрема 33 проценти, шансите се редеа на спротивната страна, каде што Манчестер Јунајтед е најјак, а тоа се контра-нападите. Една од најголемите шанси ја имаше Фред, чиј удар „пролета“ покрај стативата, а воедно Бразилецот слободно може да се каже дека беше играч на натпреварот во таборот на „црвените ѓаволи“, играјќи клинички прецизно, дефанзивно и офанзивно.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *