СОЛЕВА ТЕМЕЛКОСКА: ДУРИ И ВАРЕЊЕТО НА ХРАНАТА Е НАПОР ЗА ОРГАНИЗАМ ЗАРАЗЕН СО КОРОНАВИРУС

СОЛЕВА ТЕМЕЛКОСКА: ДУРИ И ВАРЕЊЕТО НА ХРАНАТА Е НАПОР ЗА ОРГАНИЗАМ ЗАРАЗЕН СО КОРОНАВИРУС

Коронавирусот толку многу го истоштува организмот, што претставува напор дури и да ја вари храната после нормален ручек, вели докторот по општа медицина Иванка Солева Темелкоска.

„Во последните година и повеќе имав огромен број на пациенти кои се заразија со коронавирус и варијациите во симптоматската слика и реакцијата на организмот на вирусот е речиси секогаш различна. Некои заразени пациенти прилично добро се соочуваат со вирусот и пројавуваат класични симптоми кои успеваат да ги совладаат после неколку дена, но други пациенти со текот на времето развиваат тешка клиничка слика на која организмот не знае како да одговори.“

„Симптомите се менуваат од ден на ден, а она што е можеби најиритирачко за повеќето е губењето на мирис и вкус, едно некарактеристично, непознато чувство за пациентите кои никогаш не функционирале без овие сетила да им бидат барем малку активни. Истоштеноста е поголема отколку кај било која друга вироза и е до тој степен изразена што обично варење на храната после обичен ручек претставува напор за вашиот организам. После јадење, вашето тело се соочува со предизвик да одвои енергија за варење на храната, па се чувствувате повеќе истоштено отколку најнапорните денови поминати на работно место“.

„Сѐ што имам да кажам е луѓето максимално да внимаваат на своето здравје и на здравјето на најблиските, бидејќи телото нема лесен одговор на овој вирус. Колку и да е здодевно постојано да слушате за истите мерки, мора да продолжите да ги почитувате за да го сочувате вашето здравје и да избегнете евентуална инфекција, која станува се поверојатна со ваквата растечка дневна инциденца. Не треба да се заразите со овој вирус за да сфатите дека постои и дека е исклучително опасен, туку да верувате во зборовите на здравствените експерти и работници кои даваат се од себе за да државата успее да ја преброди оваа, досега неискусена состојба“- вели Солева Темелкоска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *