ПОРАЗ ЗА НАПОЛИ И ЕЛМАС ОД ЈУВЕ, ИНТЕР ДО ДЕСЕТТА ПОБЕДА ВО НИЗА! (ВИДЕО)

ПОРАЗ ЗА НАПОЛИ И ЕЛМАС ОД ЈУВЕ, ИНТЕР ДО ДЕСЕТТА ПОБЕДА ВО НИЗА! (ВИДЕО)

Екипата на Јувентус слави во одложеното дерби од третото коло против Наполи со 2-1 (1-0). „Старата дама“ го надигра ривалот и Андреа Пирло ќе преживее на клупата, а со погодоците на Роналдо и Дибала домаќинот дојде до триумфот, иако во завршницата намали Инсиње.

  • Јувентус – Наполи:

По едно неверојатно промашување уште во четвртата минута, кога Роналдо од само неколку метри со глава биеше до голот, Португалецот успеа да се оддолжи. Киеза го проигра Роналдо, а овој го матира Мерет за 1-0 по 13. минути игра. Првиот дел покрај двете шанси на Роналдо не понуди ништо спектакуларно, додека Наполи уфрли во брзина повеќе по паузата.

Свои промашувања запишаа Инсиње и Руиз, изнудувајќи интервенции од ветеранот Џиџи Буфон. Казната на спротивната страна стигна преку Пауло Дибала, кој по пас од Бентанкур со добар удар од шеснаесетникот шутна неодбранливо за 2-0. Во завршницата, Киелини направи пенал, а капитенот Лоренцо Инсиње ја испрати топката во едната, а Буфон во другата страна со што ги постави конечните 2-1.

Македонскиот репрезентативец, Ељиф Елмас влезе во игра во 76. минута од натпреварот, заменувајќи го Дрис Мертенс и го доигра дуелот против шампионот.

Сепак, Јувентус нема да ја материјализира победата бидејќи Интер стигна до десеттата победа во низа и сигурно чекори кон титулата. Денес на „Џузепе Меаца“ падна незгодниот Сасуоло (2-1), за 71 бод во Серија А. „Нераѕурите“ имаат 11 бодови повеќе од Милан и 12 од Јувентус, па на девет кола до крајот се во одлична позиција да го осигураат Скудетото.

  • Интер – Сасуоло:

Околу натпреварот, дуото Лукаку-Лаутаро пак беше пресудно. Белгиецот го отвори резултатот по десет минути игра, додека Лаутаро Мартинез во 67. успеа да удвои. Иако Траоре во финишот ја врати неизвесноста, Сасуоло загуби во Милано.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *