ШТО ЌЕ ГЛЕДА ДОЗНАЈ ОВАА НЕДЕЛА?

ШТО ЌЕ ГЛЕДА ДОЗНАЈ ОВАА НЕДЕЛА?

Долго време не сме имале да споделиме што нашите новинари гледаат за време на овие почетни пролетни денови. Филмот и сериите помагаат времето да помине малку побргу, поготово во овој полициски час.

Марко Гулевски

Оваа недела, за главна цел имам да ја довршам една од подобрите серии во поново време базирани на стрип – „Preacher“. Самата сериозност, хумор и натприроден свет во кој се одвива дејството е презабавен. Иако серијата ја започнав одамна, дури сега се сетив дека никогаш не ја завршив, па еве тоа е главната цел за оваа недела.

Нормално мора да се внесе нешто анимирано за да се побие монотонијата на секојдневието. Изборот за оваа недела е новиот анимиран серијал на Амазон – „Invincible“. Од креаторот на стрипот „The Walking Dead“ ни доаѓа суперхеројска авантура која го опфаќа потемниот дел од суперхеројскиот жанр.

За крај сакам да продолжам со низата на филмови со Морган Фримен, па така конечно е време да се погледне што го прави толку добар филмот „Shawshank Redemption“. Да, верувате или не, го немам гледано ова парче кинематографија кое се смета за најдобро на сите времиња.

Дамјан Темелкоски

Што треба да гледате оваа недела

Кога ќе ги поврзете заедно Џејк Џиланхол, Роберт Дауни Џуниор и Марк Рафало, вие го добивате најдобриот драма крими трилер на сите времиња. „Zodiac“ е речиси три часа префинето задоволство кое ги содржи сите финеси на едно кинематографско ремек дело и го валоризира потенцијалот на секој од овие врвни актери. Ретко кога филм кој трае три часа успева да го задржи тенацитетот на публиката, а овој филм тоа го прави беспрекорно, поради што сметам дека заслужуваше Оскар. Ова е еден од најдобрите перформанси на Џејк Џиланхол, иако не сум сигурен дека воопшто некогаш имал потпросечна улога, човекот е гениј, исто како и неговите колеги од филмот.

Во последниве денеција до две, Холивуд се обиде да го оживее вестерн жанрот, комбинирајќи го со комедија, што се испостави како прилично ефективна формула која го привлече вниманието на публиката. Ова го „намириса“ „Маверик“ уште во 1994 година, кога веќе полека, но сигурно, овој жанр ја доживуваше својата формална смрт. Станува збор за вестерн филм со примеси на комедија, во кој Мел Гибсон и Џоди Фостер имаат волшебна хемија која ги прави перфектна комбинација на главни улоги.

Што не треба да гледате оваа недела

По никоја цена немојте да си го губите времето со новата серија на Нетфликс „The Irregulars“. Станува збор за тинејџерска детективска сапуница, која нема идентитет и која не знае која таргет група да ја избере, со оглед на тоа што серијата е потинејџерска од „Twilight“, а е „етикетирана“ како несоодветна за лица под 16 години. Напротив, сметам дека за секој што има над 16 години би било предизвик да ја „свари“ оваа модерна депикција на универзумот на Шерлок, кој се обидуваат да го искористат за да наметнат некои модерни вредности, кои припаѓаат секаде, само не во префинетиот свет на најдобриот детектив што некогаш го видело човештвото. Неколку примери за тоа наметнување на модерните вредности? Па на пример, доктор Вотсон е геј и е заљубен во Шерлок и е од црната раса (Што по ѓаволите?), Шерлок од друга страна е „пропали рокер“ кој е тежок наркоман и кој не знае каде се наоѓа 95% од дејствието во серијата, а петте дечиња, кои се во главното светло, стануваат детективски експерти кои ги решаваат сите натприродни појави во Лондон..вистинска каша-попара која не успева да го валоризира потенцијалот на универзумот на Шерлок Холмс.

Филип „Dr.Lorre“ Ѓоршовски

Поради обврските кои ги имам, тешко веројатно дека ќе можам да посветам време оваа недела за гледање на некој филм или некоја серија, ама во секој случај, на неколку рати, пред спиење, ќе го изгледам Interview with the vampire. Не е хорор, не е нешто посебно од филм, ама има посебна сентиментална вредност затоа што го чекавме со брат ми пред видеотека да го изнајмиме. Филмот е ОК во голема мера, ама ги имате во еден филм Том Круз и Бред Пит, па дури и Антонио Бандерас, а и многу други познати ѕвезди. Погледнете го во секој случај, ќе ви се допадне.

Ако некако магично би имал време, би ја гледал и серијата Haunted (Latin America). Првиот серијал беше за Северна Америка и имаше неколку навистина морничави и страшнички епизоди. Со оглед на тоа дека во оваа сезона се работи за Јужна Америка и земјаќи ја предвид нивната култура и хорор традиција, мислам дека овие епизоди ветуваат многу повеќе.

Како и секогаш ви препорачувачувам една епизода од South Park, пример Turd Burglars.

https://www.southparkstudios.com/episodes/49wi25/south-park-turd-burglars-season-23-ep-8?isRandom=true

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *