Според вчерашната статиститка на Министерството за здравство, од направени 4.438 тестирања регистрирани се 1.302 нови случаи на Ковид-19, како и 626 оздравени пациенти и 51 починати лица, меѓу кои 80 проценти на возраст над 60 години, додека најмладата жртва е 32-годишник од Куманово.
Со вчерашните бројки вкупната цифра на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата достигна 137.728, на оздравени 111.765, а на починати 4.072. Бројот на активни случаи вчера изнесуваше 21.891.
Министерот Филипче информираше дека од денеска осум лекари од приватното здравство се приклучуваат на јавно-здравствените установи.
– Клучно е да го зголемиме капацитетот и човечките ресурси во битката со овој силен бран, објави на својот фејсбук профил Венко Филипче.
Филипче по повод вчерашниот Светски ден на здравјето порача дека вакцинацијата е единствениот начин да го победиме вирусот.
– Правиме се за да ги зголемиме количините на вакцини во нашата земја. Моја најголема заложба и желба е вакцинацијата да ја завршиме што побрзо. Затоа, се што е во наша надлежност го направивме исклучително брзо и професионално, а подготвка за вакцинација ја спроведовме навремено и ефикасно. Барам трпение, разбирање и почитување на мерките додека да се надмине овој период, порача Филипче.