ЧЕЛЗИ ГО ИСФРЛИ„КРАЛОТ“ ЗА АНГЛИСКО ФИНАЛЕ ВО ЛШ! (ВИДЕО)

ЧЕЛЗИ ГО ИСФРЛИ„КРАЛОТ“ ЗА АНГЛИСКО ФИНАЛЕ ВО ЛШ! (ВИДЕО)

Фудбалерите на Челзи го победија Реал Мадрид со 2-0 (1-0) и се пласираа во финалето на Лигата на шампионите на УЕФА. Домаќинот на „Стемфорд Бриџ“ можеше и многу поубедливо да слави, имаше сигурно уште четири или пет зицери за висок триумф, ама Куртоа го бранеше Реал. Во првото полувреме резултатот го отвори Вернер, а по серија промашувања во завршницата на „кралевите“ им пресуди Маунт.

  • Најдобрите моменти од натпреварот:

Натпреварот беше отворен претпазливо од страна на Томас Тухел, кој свесно го постави тимот во подредена улога. Бидејќи Реал мораше да напаѓа, Челзи имаше многу простор за контри. Првата и убиствена дојде по продор на Чилвел, кој го проигра Вернер, а Германецот погоди, но од офсајд позиција. Сепак, Тимо Вернер се оддолжи десет минути подоцна, бидејќи беше стрелец на гол кој важеше за 1-0 во 28. Хаверц убаво проби низ одбраната, дојде еден на еден со Куртоа и сакаше атрактивно да го совлада, ама ја погоди пречката и Вернер мораше да ја смести топката во мрежата.

Две големи шанси имаше Карим Бензема, ама голманот Едуард Менди дефинитивно беше маестрален меѓу стативите. Првата беше пред голот за водство на „сините“, а од 20 метри од голот, со добар удар во долниот лев агол изнуди парада од Менди. Втората шанса беше далеку подобра, бидејќи Бензема беше осамен и со глава биеше беспрекорно под пречката, ама Менди со акробатска интервенција го спаси голот.

По паузата, Реал целосно се отвори, а тоа значеше бесконечно многу простор за брзите крила и офанзивци на Челзи. Тоа резултираше со пречка и зицер на Хаверц, шанси на Тиаго Силва и Маунт, а сам пред голот не успеа да погоди ниту Канте. Реал немаше решение за гранитната одбрана на „сините“, а дефанзивците добро се справуваа со кралските налети.

Натпреварот го реши Мејсон Маунт во 85. минута, поставувајќи ги конечните 2-0. Акцијата беше одлична контра на Кристијан Пулишиќ, но откако излета пред голот на Куртоа, го навлече голманот да излезе од својата линија, па го проигра Англичанецот на петерецот, а Маунт не прости. Челзи си ја осигура победата, дури до крајот беше и поконкретен и беше поблизу до трет, отколку Реал до прв погодок.

Во финалето, Челзи на Тухел ќе игра против Манчестер Сити на Пеп Гвардиола, а третото англиско финале во Лигата на шампионите е закажано за 29 мај на „Ататурк“ во Истанбул.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *