ПО ЗАЕВ, И ФИЛИПЧЕ ЈА ПРИМИ ВАКЦИНАТА НА „СИНОФАРМ“

ПО ЗАЕВ, И ФИЛИПЧЕ ЈА ПРИМИ ВАКЦИНАТА НА „СИНОФАРМ“

Денеска во спортската сала „Борис Трајовски“, по Зоран Заев, се вакцинираше и министерот за здравство Венко Филипче, користејќи вакцина од кинескиот производител „Синофарм“.

„Денеска ја примив вакцината на „Синофарм“. Буквално сите вакцини се безбедни за употреба. Апелирам сите да се свесни дека вакцините се сигурни, безбедни, дека сите се развиени на безбедни платформи, дека несаканите ефекти се навистина мали, има точни индикации односно контраиндикации за возрасни групи или некои специфични критични категории граѓании кои нема да треба да примат некаква вакцина и ние тоа го влечеме како податок од научните испитувања од производителите“, изјави Филипче.

Министерот зборуваше и за значењето на вакцината за евентуалната победа над оваа болест, за која досега немаше лек.

„Пандемијата не научи на многу работи уште од почетокот на минатата година, да бидеме сплотени и обединети околу почитување на превентивните мерки кои се темелат на универзални принципи на заштита од ширење на вирусот, а сега во оваа фаза еден нов момент повторно да бидеме сплотени и обединети околу тоа да ставиме приоритет на вакцинацијата како еден од клучните елементи со кои може да се смени целокупната слика за пандемијата кај нас“, потенцира Филипче.

Тој рече дека во текот на вчерашниот ден се вакцинирале околу 10 000 граѓани во земјава, што е доказ за доброто одвивање на имунизацијата во земјата.

– „Акцент е ставен на сите пријавени на сајтот vakcinacija.mk со приоритет по возрасна група и паралелно на тоа еден помал дел оди кон вработените во критичната инфраструктура како што започнавме уште пред неколку недели. Како ќе доаѓаат вакцините така ќе бидат распределени за да овие два системи што поголем број граѓани добијат вакцина за што пократко време. Во нашата земја вакцинирани се близу 100 000 граѓани. Сметам дека ќе имаме и натаму добра динамика на вакцинирање. Затоа повторно апелирам сите да се пријават на сајтот vakcinacija.mk . Tоа е системот по кој системот „МојТермин“ ќе ги приоретизира категориите граѓани и во соодветно време согласно тајмингот на пријавување граѓаните ќе добијат или смс порака или меил за да се јават во соодветно време и во соодветен пункт за вакцинација“, истакна Филипче.

Посочи дека одлучиле Владата да биде една од институциите кои ќе се вакцинира непосредно после Собранието и по тој систем сите министри во следните 10-тина до 14 дена добиле веќе свој термин.

– „Таа национална стратегија која се темели на националните стратегии и принципи на сите земји во светот е еден добар систем и по тој систем треба да се приддржуваме“, додаде Филипче.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *