ОЦЕНУВАМЕ ХРАНА- КРАФТ ЧИКЕН ОД „CRAFT BURGER“ (КИСЕЛА ВОДА)

ОЦЕНУВАМЕ ХРАНА- КРАФТ ЧИКЕН ОД „CRAFT BURGER“ (КИСЕЛА ВОДА)

Кога ќе ти се погоди да имаш сендвичара во маало, па и не бива а да не пробаш што има да понуди. Откако блиски пријатели се доселија во Кисела Вода, во близина на сендвичарата „Craft Burger“ (Веднаш до студентскиот дом Пелагонија), ми беше предложено по брза постапка да пробам од нивната храна, со оглед на тоа што имале екстра големи сендвичи со цена која одговара на сечиј џеб.

Од менито кое имате прилика да го погледнете подолу, јас се одлучив за Крафт Чикен, со оглед на тоа што не ми беше денот некако за плескавица, а воедно и секогаш стартно нели го пробуваш оној сендвич што го носи името на сендвичарата.

Фотографија на Craft burger Skopje.

Пред се, она кое мора од старт да го потенцирам се цената и големината на самиот оброк. Во модерните сендвичари, обично цената од 150 денари не го вклучува и помфритот што овде не е случај. Да, точно е и тоа дека бургерот оддава онаков маалски впечаток, на локална сендвичара која не посветува многу внимание на амбалажа и други типови на „шминка“, но факт е дека секој сендвич што има така прифатлива цена треба да се проба.

Фотографија на Craft burger Skopje.

Крафт Чикен е еден огромен сендвич со совршен микс на вкусови и пред се, огромно парче крцкав стек. На самиот старт го спомнувам стекот токму од причина што беше совршено крцкав, а истовремено мек и вкусен, со големина каква што не сум сретнал досега, па можам да кажам дека од Крафт се изгледа прилично дарежливи. Кашкавалот совршено се комплементираше со стекот и се чувствуваше неговото присуство во целокупниот вкус, па можам да гарантирам дека не е растителен. Исто така, сосот имаше прилично интересна боја и структура, како измислена за во комбинација со стекот, па верувам дека со друг тип на бургер ви следува различен сос.

Она што морам да го потенцирам исто така е количината на помфритот, кој не само што го има во изобилие, туку и е припремен онака на „домаќински“ начин, покрупно сецкан, помек и изготвен до перфекција, а со него ви следуваат и канче со мајонез и канче со кечап. Во сендвичот си ги имате сите редовни салати, вклучувајќи и зелка (што е за мене плус), а мала критика би упатил за лепчето, кое верувам дека доколку би било селско, помеко, поџвакаво, би одговарало повеќе на бургерот, отколку класично „тутре“.

Фотографија на Craft burger Skopje.

Ќе споменам дека накратко потоа јадев од „Craft“ уште во два наврати, од кои во едниот случај јадев мал тост, а во другиот Онион стек. За тостот само ќе кажам дека има вкус на класичен вкусен тост од сендвичара, но за 50 денари ако ви даваат толкав тост, тогаш не можам да замислам колкав тракторски волан ви следува кога ќе нарачате голем…уште еднаш, големината импресионира. Од друга страна, Онион стек беше подеднакво внимателно подготвен и склопен како Крафт Чикен, но во него беа додадени „Онион рингс“ и одговараа во целиот сендвич фе-но-ме-нал-но! Згора на тоа, досаден сум ама морам пак да кажам, имаше бајаги онион рингс кои си ги мезите со мерак, пред да му се нафрлите на сендвичот во целина.

Сè на се, топла препорака за сите кои се од Кисела Вода или генерално од Скопје, а сакаат да пробаат нешто ново, од некоја досега непозната сендвичара.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *