ЕП ДЕН 5: ФРАНЦИЈА ГО ДОБИ ЕВРОПСКИОТ КЛАСИК, ПОРТУГАЛИЈА СЕ ИЗМАЧИ ВО БУДИМПЕШТА!

ЕП ДЕН 5: ФРАНЦИЈА ГО ДОБИ ЕВРОПСКИОТ КЛАСИК, ПОРТУГАЛИЈА СЕ ИЗМАЧИ ВО БУДИМПЕШТА!

Петтиот ден на Европското првенство понуди две интересни пресметки од последната група Ф.

Најочекуваниот натпревар од групната фаза се одигра во Минхен, каде што номинален домаќин беше Франција која минимално со 1-0 (1-0) ја победија Германија. Во „групата на смртта“ Французите стигнаа до првите бодови преку несреќниот автогол на Хумелс, а Германија немаше сили за враќање.

  • Франција – Германија (1-0):

Селекциите тргнаа отворено, немаше премногу калкулации и Мбапе отвори со шанса која ја спаси Нојер. Во 20. минута од натпреварот, по пробив на Хернандез од лево, на петерецот топката несреќно се одби од Матс Хумелс и заврши во мрежата за 1-0. На стартот од продолжението Рабио имаше голема шанса и ја стресе стативата, а за Германија се закани Гундоган. „Триколорите“ погодуваа до крајот уште во два наврати, преку Мбапе и Бензема, ама двата погодоци беа поништени поради недозволени позиции. „Панцерите“ од друга страна не успеаја да го загрозат голот на Лорис и беа инфериорни, иако ја контролираа играта во поголемиот дел од мечот.

Во првиот натпревар на „Пушкаш Арена“, пред речиси 70.000 гледачи домаќинот Унгарија сериозно го измачи европскиот првак Португалија, но попушти во финишот и загуби со 0-3 (0-0). Иако добро се држеа, а дадоа и гол кој беше поништен, концентрацијата на Унгарците падна во најлошиот момент и убедливо загубија.

  • Унгарија – Португалија (0-3):

Португалците долго кружеа околу одбранбениот бедем на домаќинот, немаа решение како да го загрозат голот на Гулашчи, а Кристијано Роналдо промаши зицер во првиот дел. Во продолжението Шон ја стресе мрежата на Руи Патрисио, но беше досуден офсајд. Течеше 84. минута кога Рафаел Гереро го отвори резултатот, а потоа Роналдо стрела од пенал и во 92. минута ги постави конечните 0-3.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *