ЕУРО СПЕКТАКЛ-ШВАЈЦАРИЈА Ѝ ДАДЕ НОКАУТ НА ФРАНЦИЈА, ШПАНИЈА ТРИУМФАЛНА ПРОТИВ ХРВАТСКА!

ЕУРО СПЕКТАКЛ-ШВАЈЦАРИЈА Ѝ ДАДЕ НОКАУТ НА ФРАНЦИЈА, ШПАНИЈА ТРИУМФАЛНА ПРОТИВ ХРВАТСКА!

Во еден од најдобрите и најквалитетни денови во историјата на Европските првенства, бевме сведоци на два неверојатни натпревари, 14 гола и пенал рулет од 10 изведени пенали. Шпанија по продолженијата успеа да ја совлада Хрватска со 5-3 по една неверојатна голеада, додека Швајцарија успеа да направи сензација и по пенал рулетот да ја совлада Франција, откако по продолженијата резултатот беше 3-3.

Во натпреварот од 18 часот, Хрватска покажа заби, храброст и цврстина и успеа на Шпанија да ѝ го создаде секој проблем и да и го покаже секој трик кои селекцијата на Златко Далич го имаше сокриено во ракавот. По првото полувреме беше 1-1, откако Педри си постигна комичен автогол, по една очајна реакција на голманот Симон, додека Сарабија израмни на 1-1 на 7 минути пред крајот на првите 45 минути.

Во вториот дел Хрватска пружаше отпор, пред Шпанија во еден блиц-крик да постигне два гола и да се стекне со завидна предност, преку головите на Азпиликуета и Феран Торес. Сепак, идеалните џокери од клупата на „коцкестите“ си го направија своето. Во 85. и 92. минута, преку Оршиќ и Пашалиќ, Хрватска стигна до израмнување и продолженија.

Десет минути по почетокот на првото продолжение, крахираше одбраната на Хрватска, а таквата лоша поставеност ја искористи Мората, кој со ефектен волиј постигна прекрасен гол и со тоа се извади за очајната партија која ја пружи во регуларниот дел од мечот. Точка на средбата и крај на надежите на Хрватска три минути подоцна стави Ојарзабал, кој својата одлична сезона во Реал Сосиедад ја круниса со гол во осминафиналето против финалистот од Светското првенство во 2018 година.

Вториот меч, иако се очекуваше да биде нешто помалку привлечен, се испостави дека е подеднакво, па можеби и повозбудлив од дербито меѓу Хрватска и Шпанија. Франција и Швајрација приредија вистински спектакл, од кој како победник излезе храбрата и лукава Швајцарија, која покажа на целата Европа како во фудбалот никогаш не треба да се откажувате, макар и да сте во негатива од два гола против актуелниот светски првак, на само 10 минути пред крајот.

Токму Швајцарија беше таа која поведе против „триколорите“, кога во 15. минута, по еден удар со глава, мрежата на Лорис ја затресе таргет-менот во шеснаесетникот на Франција, Харис Сеферовиќ. Швајцарците цврсто ја чуваа предноста, а истата успеаја да ја сочуваат до крајот на првиот дел. Во 55. минута, иако иницијативата ја имаа Французите, до шанса за зголемување на предноста дојде противникот, кога беше досуден пенал за Швајцарија. Сепак, златната шанса ја пропушти Родригез, кој рака на срце, можеби и навистина не беше вистинскиот избор за изведувач на пеналот, а таквата претпоставка ја оправда и Лорис, кој маестрално го одбрани неговиот удар. Веднаш потоа почна на теренот својата магија да ја шири Погба, кој беспрекорно диригираше и делеше топку по теренот, па така раширената игра е идеално сценарио за Карим Бензема, кој за кратко време постигна два гола, од кои првиот беше вистинско мало ремек-дело. По ваквиот шок, никој не веруваше дека ќе се вратат Швајцарците, се додека не започна на сцена да излегува контра-диригентот, Гранит Џака, кој капитенски и лидерски го искординира и стабилизираше својот тим. Најпрвин, во 81. минута, феноменалниот Сеферовиќ успеа да ја намали предноста на 2-3, пред Џака да испрати маестрална топка до резервистот Гаврановиќ, кој во 90. минута, со минијатура го исфрли Кимпембе од игра и успеа да ја затресе мрежата за израмнување и продолженија.

Двете продолженија беа тивки, со резервирана и претпазлива игра, па натпреварот брзо дојде до пенал рулетот. И двата тима беспрекорно ги изведуваа своите пенали, моќно и бескрупулозно, се додека не се појави Мбапе, кој како последен петти изведувач на Франција, упати предвидлив удар кој го одбрани Сомер и со ја испрати својата репрезентација во четвртфиналето. Мора да се потенцира очајниот настап на Мбапе, кој најверојатно ќе стане најскапиот играч во светот, имајќи ја предвид неговата актуелна цена од 250 милиони евра, а кој беше најрезигнираниот и најнезаинтересиранот играч на теренот, промашувајќи неколку кардинални шанси, за на крајот да го промаши и одлучувачкиот пенал за својата селекција.

Утре очекуваме нови две возбудливи средби, помеѓу Англија и Германија од 18 часот и Шведска и Украина од 21 часот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *